Еврејската заедница во Република Северна Македонија на 24 септември 2020 година на платформата Zoom го одбележa Европскиот ден на еврејската култура. Оваа манифестација се одржува во 34 европски земји, а нашата заедница ја одбележa по 15. пат. Секоја година темата е различна, а ја поставува Европската асоцијација за зачувување и унапредување на еврејската култура и наследство.
Оваа година темата беше Еврејски патувања, а поради пандемијата со Ковид-19 немавме друг избор освен да го одбележиме овогодинешниот Европски ден онлајн.
Во свет во кој патувањата ни се прилично ограничени, а во некои случаи и невозможни, за Европскиот ден бевме на заедничко еврејско патување: по стапките на сефардските Евреи по прогонот од Сефарад (Шпанија) на Османлискиот Балкан. Нашиот предавач Елиезер Папо нè запозна со многу аспекти од заедничките културни и социјални карактеристики на Османлиите и Евреите, како и со оние црти кои овие две култури ги прави посебни и уникатни.