Верските заедници испратија заеднички јавен апел

На 22 октомври 2020 година, верските заедници споменати во Уставот на Република Северна Македонија Македонската православна црква – Охридска ариепикопија, Исламската верска заедница, Католичката црква, Евангелско- методистичка црква и Еврејската заедница упатија јавен апел во врска со пандемијата со Ковид-19.

„Ние ‒ Црквите и верските заедници испраќаме едногласен АПЕЛ до сите наши верници и до сите граѓани на нашата држава, на актуелната состојба со корона-вирусот Ковид 19 да гледаат со највисок степен на сериозност и со целосно и доследно почитување на сите пропишани мерки за да го заштитат сопственото, здравјето на блиските, на здравствените работници и со тоа на севкупното општество.

Доследното почитување на мерките не треба да се толкува како имање слаба вера, туку како имање љубов и грижа за другите.

Сега е време кога секој човек мора да покаже грижа и да даде личен прилог во справувањето со настанатата состојба. Мерките треба да ги почитуваме постојано, во внатрешен и надворешен простор, на работните места, во верските храмови, во домовите и на јавните површини.

Во овие времиња да бидеме силни и свесни дека искушенијата доаѓаат поради лично преиспитување и зацврстување во верата.“

Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан

в.д. Реисул Улема на Исламската верска заедница х. хфз. Шаќир еф. Фетаху

Бискуп Скопски и епарх струмичко-скопски монсињор Киро Стојанов

Претседател на Еврејска верска заедница  г-ѓа Романо Николиќ

Супериндендент на Евангелско- методистичка црква г. Марјан Димов