Еврејската заедница и Фондот на холокаустот со заеднички став во врска со улогата на Царството Бугарија во депортацијата на македонските Евреи во центарот за убивање Треблинка во март 1943 година

Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија реагираа со заеднички став во врска со улогата на Царството Бугарија во депортацијата на македонските Евреи во центарот за убивање Треблинка во март 1943 година. Ставот беше испратен до медиумите и до меѓународната јавност.

Ставот е пренесен во целост:

Имајќи ги предвид константните и континуирани обиди за наметнување на само една „историска вистина“ во врска со историски настани што се случувале на територијата на денешна Република Северна Македонија за време на Втората светска војна, Еврејската заедница во Република Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија потсетуваат на неоспорните историски факти кои се општо прифатени а се однесуваат на улогата на Царството Бугарија во холокаустот и депортацијата на Евреите од денешна Северна Македонија и го реафирмираат својот став:

  1. За време на Втората светска војна територијата на денешна Република Северна Македонија, на која живееле околу 8 000 Евреи, е под директна окупација на Царството Бугарија и Италија, кои се сојузници во оската. Еврејското население кое живее во Македонија за време на Втората светска војна се наоѓа под бугарска окупација. Бугарските пронацистички окупаторски власти веднаш го спроведуваат врз Евреите антисемитскиот Закон за заштита на нацијата со кој на Евреите им се ускратуваат сите граѓански права, се дехуманизираат, се воведува  Законот за еднократен данок на имот, со кој се „легално“ ограбени, се задложуваат сите Евреи да носат Давидова ѕвезда, еврејските куќи се обележани, дуќаните затворени, бизнисите и парите конфискувани.
  • Бугарската пронацистичка власт, на чело со Богдан Филов и цар Борис Трети, дава согласност за потпишување договор за иселување (депортација) на Евреите од окупираните територии од страна на Бугарија, но и од самата Бугарија. На 22 февруари 1943 година Александар Белев, комесар за Еврејските прашања и Теодор Данекер, претставник на нацистичка Германија го потпишуваат Договорот за најпрво иселување на 20 000 Евреи од окупираните територии и од самата Бугарија. Согласно со овој Договор, на 11 март 1943 година бугарската пронацистичка војска и полицијата насилно ги собираат Евреите од нивните домови во Скопје, Битола, Штип… и ги транспортираат во привремениот логор, кој служел како транзитен логор, во Тутунскиот комбинат во Скопје – Монопол. Оттаму 7 144 Евреи, или 98% од вкупното еврејско население од тоа време, во три одделни транспорти, 22-ти, 25-ти и 29-ти март 1943 година, организирани од бугарските окупаторски власти, Комесаријатот за Еврејските прашања и со логистика на бугарската железница се депортирани и предадени на нацистите во центарот за убивање Треблинка. Никој од депортираните Евреи не се врати жив.
  • Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија ги сметаат бугарските пронацистички власти од тоа време за директно одговорни за насилното собирање на Евреите од нивните домови, грабежот врз движниот и недвижниот имот, депортацијата на Евреите од денешна Северна Македонија, Источна Македонија и Тракија во денешна Грција и градот Пирот во денешна Р. Србија за време на Втората светска војна. Повеќе од 11 300 Евреи од окупираните територии се насилно депортирани во смрт од страна на бугарската пронацистичка влада од тоа време.
  • Еврејската заедница и Фондот на холокаустот не забораваат и им оддаваат должна почит на македонските граѓани од разлчни етникуми, знајни и незнајни, кои ги ризикуваа сопствените животи и животите на нивните семејства за да спасат Евреи од сигурна смрт и се прогласени за праведници меѓу народите: