Библиотека

Библиотеката на Еврејската заедница е формирана со обновувањето на заедницата по завршувањето на војната. Фондот на книги не бил голем, а за работењето на библиотеката се грижела г-ѓа Елена Блаер.

Денес библиотеката располага со 2150 наслови на книги. Книжниот фонд е сместен во посебна просторија со витрини за таа намена. Книгите се на слободен пристап и се наредени според области (религија, филозофија, историја итн). Обработката на книгите е според библиотечни правила. Збогатувањето на библиотеката се одвива најмногу преку дарување од разни домашни и странски организации, како и од поединци.

Според насловите и содржината на книгите, застапени се: енциклопедии, лексикони, речници, а особено книги од историјата на eврејскиот народ, религија, филозофија, литература за холокаустот, уметност и белетристика. Фондот е збогатен и со повеќе наслови на списанија и весници што ги добива библиотеката редовно.

Корисници на библиотеката најчесто се ученици и студенти кои изработуваат семинарски работи на теми сврзани со историјата, културата и обичаите на Евреите во Северна Македонија.

Еврејската заедница во Република Северна Македонија има своја издавачка дејност и досега се објавени повеќе десетици наслови, како и преводи на книги. Заедницата има можност да врши размена на книги со еврејските заедници од регионот и на тој начин тие се поддржуваат и соработуваат.

Работно време: секој вторник од 8 до16 часот.