Во рамките на заедницата, Детското катче Крал Давид има долга традиција на работење. Целта на Детското катче е пренесување на еврејската традиција, култура и обичаи на најмладите членови на заедницата.
Во улога на едукатори се јавуваат членови на Младинскиот клуб коишто работат со децата еднаш неделно. Се обработуваат теми од еврејската традиција, историја и религија, како што се празниците и обичаите сврзани со нив.
Така, на пример, секоја година за Сукот, најмладите учествуваат во правењето на суката во дворот на заедницата. Ја украсуваат со гранчиња, листови и цртежи на симболи за Сукот.
За Пурим традиционално има маскенбал – и тој е еден од највеселите празници на којшто доаѓа до израз детската креативност. Голем број деца носат најразлични маски и се запознаваат со приказната за кралицата Естера.
Исто така, децата учествуваат и на семинари и на детски летни кампови во регионот на коишто имаат можност да се запознаваат со свои врсници и да ги прошируваат своите знаења.