Еврејски гробишта во Штип

Еврејските гробишта во Штип на територијата на градот датираат уште пред  доаѓањето на шпанските и португалските бегалци Евреи. Со сигурност не може да се утврди дека секогаш биле на истото место. Еврејска заедница во Штип (романиотска) постоела уште од почетокот на новата ера, како и во Стоби, кое е на педесетина километри југозападно од Штип. Меѓутоа, првите пишани документи за Евреите во Штип потекнуваат дури од XV век, со населувањето на шпанските и на португалските Евреи кои биле прогонети од Пиринејскиот Полуостров од кралот Фердинанд и кралицата Елизабета одбивајќи да го примат христијанството.

Се смета дека кога султанот Мехмед II го освоил Цариград во 1453 година и таму ја преселил својата престолнина, започнал да го населува тој град. Тогаш, најголемиот дел од еврејското население од  Штип било преселено во Цариград. Со доаѓањето на бегалците од Шпанија и од Португалија, Евреите во Штип ги зајакнале своите редови. Според жаргонот на штипските Евреи, би можело да се каже дека повеќето од  дојденците биле од Португалија.

Според археолошките истражувања, најстарите гробници на еврејските гробишта во Штип потекнуваат од 17 век, и оттогаш па сè до четириесеттите години на XX век на исто место се погребувале мртвите. Меѓу двете светски војни во градот немало Евреи каменоресци, па учителот Менахем Меркадо Цион го цртал на картон со големи и јасни букви текстот на надгробниоте споменици, а каменоресците христијани ги „копирале“ тие натписи.

За време на Втората светска војна со депортацијата на македонските Евреи во логорот на смртта Треблинка, еврејските гробишта во Штип остануваат опустошени и демолирани. Бугарските војници во тој период ги собррале сите камени спомен-плочи и ги однеселе во бањата крај селото Кежовица, оддалечено околу два километра од градот Штип, и од нив потоа ја граделе основата на базенот. Според списоците на германски и на бугарски јазик, во Треблинка биле убиени 551 Евреи од Штип.

Денес Еврејските гробишта во Штип се наоѓаат на оддалеченост од 5 километри од градот. Приодот до нив бил многу тежок, особено за луѓето што ги носеле покојниците на носилка според еврејските погребни обреди.

Денес на гробиштата има 120 надгробни плочи на Евреи, поставени во хоризонтала, според еврејскиот начин на погребување.

Во септември 2009 година археолозите од Заводот за заштита на спомениците ја започнаа реконструкцијата на Еврејските гробишта  во присуство на стручно лице од Израел. Заради натамошна заштита и уредување на гробиштата на 1 април 2015 година беше потпишан Меморандум за соработка меѓу Општина Штип и Министерството за култура. Во рамките на овој проект, што беше завршен во 2016 година, е изграден и заштетитен ѕид на гробиштата.

Реконструкцијата на гробовите беше голем проект за Еврејската заедница во Република Северна Македонија, Владата, Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство. Самата реконструкција имаше опфатено обнова и конзервација на околу 100 гробници, утврдување на нови гробници, уредување на самите гробишта, изградба на пристапен пат, поставување ограден ѕид, пешачки патеки и паркинг-простор.