Еврејски гробишта во Битола

Зборуваме за тајни кои чекаат да ги разоткриеме и да ја раскажат приказната не само за еврејската заедница и нејзиниот живот низ вековите туку и историјата на Битола“

Ова се зборови на професорот Рам Аврам Шоеф од Универзитетот Бар Илан, Тел Авив, кога прв пат се сретнал со предизвикот – Еврејски гробишта, Битола.

Еврејските гробишта во Битола се основани во 1497 година, и се претпоставува дека се едни од најстарите, ако не и најстари еврејски гробишта на Балканот. Се смета дека на гробиштата има неколку илјади надгробни споменици, од кои повеќето се еродирани и нечитливи поради лошата дренажа и стрмноста на ридот. Оние надгробни споменици со подобар квалитет и читливи натписи датираат од 17 век и претставуваат вистинско историско наследство што сведочи за животот на Евреите во Битола, повеќе од пет века.

 Според некои историски податоци, првите обиди за реставрација на гробиштата потекнуваат од 1929 година кога рабинот Шаптај Џаен престојувал во Битола во 1924 година. Според истите податоци, Џаен забележал дека гробиштата се наоѓаат на остра падина на периферијата на градот и дека се во многу лоша состојба, по што отишол во Америка, собрал прилози од Евреите печалбари, родум од Битола, и се вратил да ги уреди гробиштата. Покренал акција за изградба на цврст заштитен ѕид од камен и железо со исковани Давидови штитови, кои со текот на годините исчезнуваат.

                Во 1943 година со депортацијата на Евреите од Битола и згаснувањето на битолската Еврејска заедница , Еврејските гробишта во Битола се неактивни и препуштени на забот на времето.

                Прашањето за Еврејските гробишта се актуализира во шеесеттите години на минатиот век и е тесно поврзано со прашањето за генералното решавање на проблемот со погребувањето во градот, а со тоа и со одредувањето на статусот на постојните гробишта.Тогаш градската власт во Битола носи одлука да се изградат единствени централни гробишта, наместо повеќето постојни гробишта кои со ширењето на градската територија на некои места се опкружени со згради. Во составот на централните гробишта биле предвидени блокови за сите етнички и верски заедници во градот. Во таа смисла со депортацијата на Евреите и неактивноста на гробиштата, статусот на Еврејските гробишта останува надвор од актуелните размислувања за погребувањето во градот и недефиниран.

                Во 1985 на инсистирање на раководството на Еврејската заедница и тогашниот претседател на ИС на СО Битола Мито Пејоски, се формира работна група од стручни лица предводени од архитектот Димитар Димитровски – Такец, која има за цел да направи увид во моменталната состојба на гробиштата и во урбанистичката документација. Работната група наидува на шокантна состојба како на самите гробишта (дива депонија за ѓубре, импровизирани живинарници, вандализирани надгробни плочи, обраснати грмушки и треви) така и во  урбанистичкатa документација. Имено, во деталното урбанистичко решение за локалитетот „поранешно воено стрелиште“, во кој влегува и просторот на Еврејските гробишта се предвидени станбени згради, што значи дека целата таа површина е третирана како неизградена зона, при што старите постојни гробови се игнорирани како да не постојат. Дури ни влезниот портал не е задржан во планот. Веднаш по добивањето на извештајот од работната група, градските власти најпрво организираат чистење на гробиштата и измена на деталното урбанистичко решение од 1976 година, со анулирање на предвидената парцела со станбени објекти и задржување на постојната состојба на гробиштата во планот, со нова намена како спомен-парк.

Дванаесет години подоцна (1997), повторно на иницијатива на Еврејската заедница, се формира здружение на граѓани за реставрација на културно-историскиот споменик „Еврејски гробишта – Битола“, чиј претседател е проф. Емилијан Вилос, а членуваат и други угледни и познати личности од градот. Но, и покрај навидум ветувачкиот оперативен план за активности од страна на ова здружение и предложениот проект, реконструкцијата се сведува само на спроведување струја и осветлување на порталот, бојадисување на двете простории и нивно подно уредување и поставување заштитна ограда и прозорци на порталот.

Во 2008 година со средства од Комисијата на Соединетите Американски Држави за заштита на културното наследство во светот и Министерството за култура на Република Северна Македонија и со голема поддршка од Завод и музеј Битола, Заводот за заштита на спомениците и секако Еврејската заедница е направена покрупна санација на покривната површина на порталот, доѕидување и обновување на целосно руинираните површини на порталот, опшивање со лим на сите елементи на покривната површина, крпење и бојадисување на целата фасада на порталот и поставување музејска поставка за еврејскиот етнос во двете простории.

Денес Еврејските гробишта во Битола претставуваат историско наследство што зборува за животот на Евреите во Битола, жив споменик-потсетник за минатото на Евреите во градот под Пелистер.

                И покрај тоа што во минатото се често сквернавени и опожарувани, во последно време сè почесто се слуша за Еврејските гробишта во Битола особено со започнувањето на проектот Меморијален парк „Еврејски гробишта“ во Битола. На иницијатива на Амбасадата на Државата Израел и на амбасадорот Дан Оријан на 18.08.2015 година се потпиша Меморандум за соработка меѓу Министерството за надворешни работи на Државата Израел во Македонија, Општина Битола, Еврејската заедница во РМ и Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија за конечно реализирање на проектот.