Еврејски гробишта во Скопје

Поранешните еврејски гробишта во Скопје се наоѓале на падината на планината Водно во месноста Долно Водно. До нив се доаѓало по скали, а на влезот на гробиштата имало мермерна плоча на која стоел податок дека гробиштата се стари 500 години. По војната во која 98% од вкупната еврејска популација која живеела на територијата на Република Северна Македонија е депортирана во Треблинка и со порастот на Скопје како град, а особено откако Долно Водно станува дел од „големиот“ град, овие гробишта се преселени на посебна парцела на Градските гробишта Бутел. Во 1960 год. на оваа парцела, а по иницијатива на малкутемина преживеани Евреи, е осветен споменик на жртвите од фашизмот во форма на еврејскиот симбол менора – седумкракиот свеќник и Давидова ѕвезда испреплетена со бодликава жица како симбол на страдањето, мачењето и трагедијата на Евреите во холокаустот.

На споменикот на хебрејски и на македонски јазик стои натписот:

„Овде се погребани коските на покојниците

од старите еврејски гробишта

во знак на светло сеќавање

на 7 144 македонски Евреи

одведени на 11.03.1943 година

од страна на фашистичките злосторници

и кои ги изгубија животите со маченичка смрт

во логорот на смртта Треблинка“