Јом Кипур

Јом Кипур се празнува 10. ден од месецот тишри и е празник на помирувањето, на покајанието и на простувањето. Се одбележува со 25-часовен пост и посветеност на молитва. Со Јом Кипур се завршуваат десетте дена на покајание коишто почнуваат на Рош Хашана.

Службата за Јом Кипур почнува со молитвата Кол Нидре што се пее во синагогите пред почетокот на вечерната служба за Јом Кипур. Потекнува од средновековниот период, содржи многу емотивни тонови и претставува драматичен вовед во Јом Кипур. Молитвениот шал талит се простира за време на вечерната молитва и тоа е единствената вечерна служба во текот на целата година што се врши на овој начин. Празникот Јом Кипур се завршува со посебна служба Неила, а со дувањето во шофарот се означува и крајот на постот.