Меморијален центар на холокаустот на Евреите од Македонија

Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија се наоѓа на местото на старото еврејско маало во Скопје, на левата страна на реката Вардар, меѓу Камениот мост и Тврдината (Кале). До депортацијата на неговите жители на 11 март 1943 година, тоа беше витална населба со значајно учество во стопанскиот и просветно – културниот живот на Скопје. Затоа, лоцирањето на објектот на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија има исклучителна симболика, не само за жртвите на холокаустот, врз чии имоти се наоѓа, туку и за Скопје и за Македонија, кои со изградбата на овој центар, им оддаваат трајна почит на своите депортирани сограѓани и од Битола и од Штип.

Идејата за меморијал на холокаустот во Македонија стана реалност по донесувањето на Законот за денационализација, кој е и правна основа за Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, основан на 23 април 2002 година, со одлука на тогашната Влада на Република Северна Македонија. Фондот постои како единствено правно решение во Европа за заштита на имотните права на депортираните Евреи без живи наследници. Истовремено со материјалниот спомен, Меморијалниот центар остварува долготрајна мисија во презентирање, едуцирање и истражувања поврзани со мултиетничките општества, за елиминирање на опасностите од секаков вид на дисктиминација, нетрпеливост, шовинизам, антисемитизам, во име на градење општество во кое етничката и верската разноликост се цивилизациско богатство и основа за развој.

Во Меморијалниот центар има постојана музејска поставка отворена за посетители. Работното време на центарот е од понеделник до петок, од 08:30 до 16:30 часот. Изложбената поставка може да се посети од вториник до петок од 09:00 до 19:00 часот, а сабота и недела од 09:00 до 15:00 часот.

За повеќе информации поврзани со Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија посетете ја вебстраницата https://holocaustfund.org.mk/mk.