Пред 11 Март 1943

Холокаустот почнува со т.н. Кристална ноќ, ноќта меѓу 9 и 10 ноември 1938 година, кога 17-годишниот Хершел Гринцпан го убива германскиот амбасадор во Париз. Истата ноќ, во фашистичка Германија, деведесетина Евреи се убиени, над 500 синагоги запалени, скоро сите излози на продавниците на Евреите се искршени. Веднаш потоа се случува првото масовно апсење на поголема група Евреи, а околу 25 000 се однесени во концентрациони логори.

Во следните неколку недели огромни бранови бегалци ја напуштаат фашистичка Германија во обид да се спасат, но наидуваат на незаинтересираност од страна на западните земји и САД.

Поимот Конечно решение за еврејското прашање првпат е развиен на конференција во една луксузна вила во близина на Берлин (20 јануари 1942 година), што практично значи нивно елиминирање, односно ликвидирање. Според нивните пресметки, во светот имало 11 000 000 Евреи. Како центар за Конечното решение на еврејското прашање е избрана окупирана Полска.

Холокаустот за македонските Евреи почнува веднаш по окупацијата на Македонија од страна на Царска Бугарија во април 1941 година, по бомбардирањето на Белград на 6 април 1941. На 22 април во Виена владите на фашистичка Германија, на фашистичка Бугарија и на фашистичка Италија ја прават поделбата на Македонија при што најголемиот, т.н. вардарски дел, ѝ припадна на фашистичка Бугарија. На 17 април Хитлер одобрува навлегување на бугарски фашистички трупи во Македонија и Тракија за спроведување на Законот за заштита на нацијата (21 јануари 1941 год.) изработен по теркот на Нирнбершкиот расистички закон на Третиот Рајх и одобрен со Царскиот указ бр.3, како и други закони и наредби со кои се ограничуваат правата и слободите на Евреите што живеат на таа територија. Овој, како и низа други закони, наредби и правилници, владата на Богдан Филов, потписничка на Тројниот пакт, и сојузничките сили на оската, педантно ги спроведува  како дисциплиниран сојузник и со поданичка верност.

Истовремено, Министерството за финансии на Царството Бугарија подготвува специјални формулари за лични информации и попис на целиот имот на лицата со еврејско потекло, а Централната банка им ги блокира сите депозити со цел осиромашување на населението.

Со одлука бр. 4567 од 27 август 1942 година на Министерскиот совет на фашистичка Бугарија се оформува Комесарството за еврејски прашања, тело задолжено за одредување на еврејското потекло на лица, спроведување на рестрикциите за Евреите, да решава за нивниот имот, но за и други прашања врзани со македонските Евреи. За комесар бил назначен Александар Белев. Комесарството секојдневно соработува со Гестапо и германскиот амбасадор во Софија и носи одлуки со кои се наметнувале сè повеќе рестрикции за Евреите: обележување на еврејските куќи со посебни знаци, обележување на Евреите со „жолта ѕвезда“ што ја носеле на левата страна на облеката, која морале сами да ја платат во износ од 20 лева, забрана за движење на јавни места, ресторани и хотели, воведување полициски час, забрана за работа во државни организации и установи, одземање на имотите кои остваруваат приход, еднократен данок на имот, конфискување на имотите и многу други рестрикции.

За Конечното решение на македонските Евреи, Ајхман ги ангажирал сите истакнати претставници на германската фашистичка власт на територијата на Македонија: Фон Висличени, претставник во Солун, Теодор Данекер, претходен германски генерален конзул во Скопје, Адолф Ханс Бекерле, германски амбасадор во Софија и негови соработници.

На 2 февруари1943 година комесарот Александар Белев и Теодор Данекер, специјалист за еврејското прашање, склучуваат договор за „иселување“ на Евреите од Македонија и Беломорието и ги прецизираат сите фази на депортацијата. Според овој договор,  „иселувањето“ требало да почне во почетокот на март, а бил утврден и бројот на Евреите што ќе бидат „иселени“, т.е. депортирани од Македонија. Во договорот  со германскиот фашистички партнер стоело и дека: „Со предавањето на македонските Евреи на Германците, „бугарската власт престанува да се интересира за нив“.