Синагога Бет Јаков

На 11 март 2000 година во зградата на Еврејската заедница е осветена синагогата Бет Јаков. Посетителите може да ја посетат во текот на работното време на заедницата. Во неа редовно се одржуваат служби за поголемите еврејски празници според еврејскиот календар.

Синагогата е изградена и уредена според обичаите и традицијата на сефардските Евреи и спаѓа во групата на сефардските синагоги. Прозорците се украсени со прекрасни витражи со мотиви од еврејскиот животен циклус. Парохетот (завеса) којшто го краси светиот орман (арон хакодеш – орманот во којшто стои Тората) е истиот оној што се наоѓал на орманот на старата скопска синагога и датира од 5698 година по еврејскиот календар или од 1937 година. Синагогата го носи името на старата скопска синагога.

Изградена е со помош на донации од Владата на Република Македонија, JOINT, Pasadena Jewish Temple and Center California, Temple Beth Israel Phoenix, како и од донации на нашите членови и Евреи од дијаспората и Израел.

Со изградбата на синагогата повторно се обнови религиозната практика во заедницата.

За жал, во овој момент нема редовни служби за Шабат.