Треблинка

Во 1941 година е изграден логорот Треблинка I на местото на постојниот рудник за песок во окупирана Полска, а во 1942 година е изграден логорот на смртта Треблинка II. Треблинка I бил работен логор, а Треблинка II служел за една цел: уништување на Евреите. Според истражниот судија Здислав Лукашкјевич, во извештајот за Нирнбершкиот процес, во Треблинка II биле уништени околу 1 300 000 – 1 500 000 луѓе.

Логорот Треблинка II зафаќал површина од 13 хектари, од најблиската населба бил оддалечен само 2 километра, а од железничката станица 4 километри, поради што до самиот логор бил изграден специјален колосек.

Судијата Лукашкјевич, врз база на сведоци и на материјални докази, тврди дека еден транспорт бил составен од 60 вагони, а во секој вагон имало околу 100 луѓе. „Од моментот на пристигнувањето на вагоните на логорската рампа до усмртувањето на жртвите биле потребни од 30 до 45 минути, вклучително и пеколот во гасните комори кој траел просечно по 15 минути, додека целиот транспорт бил ликвидиран за неполни 2 часа. Жртвите донесувани во Треблинка II, всушност, живееле уште неполн час од  пристигнувањето.“

Македонските Евреи од Монополот до Треблинка II патувале по рутата Скопје-Ниш-Лапово-Земун-Пјотркув-Малкиња-Треблинка скоро 6 дена во 3 транспорти. Првиот транспорт тргнал на 22 март 1943 со вкупно 2 338 лица; вториот транспорт тргнал на 25 март 1943 година со вкупно 2 402 лица; третиот транспорт тргнал на 29 март со преостанатите 2 404 Евреи. Тие пристигнале во Треблинка кон крајот на март и во почетокот на април 1943 година. Како и сите други транспорти што пристигнувале во логорот, и тие биле убиени веднаш по пристигнувањето.

Единствениот бунт во Треблинка II се случил на 2 август 1943 година што го организирал физичарот, д-р Јулијан Чоразицки. Во него учествувале околу 1 500 логораши, од кои најголем дел биле убиени, а само неколку стотици успеале да избегаат или да стигнат до полските партизани. Во есента 1943 логорот е срамнет со земја и СС-командантите ги уништуваат сите докази за неговото постоење. Гасните комори и другите градби се срамнети со земја, а на нивно место се посадени дрвја и трева за да оддадат лажно чувство на мир.

На 24 септември 2008 година, на иницијатива на Еврејската заедница во Република Северна Македонија, се постави камен-обележје со името Македонија во Музејот на борбата и мачеништвотот во Треблинка. Делегацијата на Еврејската заедница и на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија присуствуваше со свои делегации на овој свечен комеморативен чин.