Во Монополот

Антиеврејското законодавство било почеток на Конечното решение за македонските Евреи кое кулминирало со нивната депортација во Треблинка. На патот до Треблинка имало една попатна станица – бившиот скопски Монопол, привремениот концентрационен логор за Евреите од Скопје, Битола и Штип.

Комесарството за еврејски прашања подготвило правилник за организирање привремен концентрационен логор лоциран во скопскиот Монопол. Подготовките се вршеле во најголема тајност, па дури ни управникот на Монополот не знаел што се случува. Бил направен детален цензус на целото еврејско население.

Ноќта меѓу 10 и 11 март 1943 бугарските фашистички власти со помош на полицијата и војската ги разбудиле и ги собрале Евреите од Скопје, Битола и Штип од нивните домови. Им кажале дека привремено ќе ги сместат во други делови од Бугарија па затоа да си земат со себе вредни предмети, како на пример пари и накит. Бугарската фашистичка полиција им ги конфискувала клучевите од домовите.

При пристигнувањето во Монополот, бугарската фашистичка полиција им вршела претрес и им ги запленувала парите и накитот што ги носеле. Сите пронајдени скапоцености се собирале во хартиени коверти, кои подоцна биле депонирани во трезорот на Бугарската народна банка во Скопје.  

Монополот бил обезбеден со најстроги безбедносни мерки: во ќошевите на дворот биле поставени митралески гнезда, во дворот се движеле полицајци со шмајзери и коњичка полиција, а надвор од оградата на логорот имало војска.

За сместувањето на Евреите биле користени 4 згради и 30 соби, а во секоја просторија било сместено по 241 лице. Низ логорот поминале вкупно 7 315 лица, од кои како лекари, аптекари или странски државјани биле ослободени 166, а успеал да побегне само Алберт Мушон Ароести. Од ослободените Евреи со странско државјанство, 74 биле шпански државјани, 19 албански и 5 италијански државјани.

Условите во Монополот биле крајно нехумани – имало само 15 заеднички тоалети за сите Евреи; спиеле на ладниот дрвен под без ќебиња. Храна добивале два пати дневно за возрасните и три пати дневно за децата, а се состоела од малку леб и солена супа.

Евреите од Скопје, Битола и Штип поминале 11 страшни дена во Монополот пред бугарските фашистички војници да ги натоварат во сточни вагони во возот што ќе ги однесе на пат во еден правец – логорот на смртта Треблинка II во окупирана Полска.